Свеста за зачувување на животната средина расте, а компаниите во Македонија бараат начин како да станат сè повеќе еколошки препознаени. Млекара Битола е еден од позитивните примери за општествено одговорна компанија со високо ниво на еколошка свест и исклучителна грижа за отпадот што го создава, селектирајќи го и рециклирајќи го преку системот на Пакомак.
„Уште од своите почетоци, Млекара Битола има јасна определба да се грижи и да придонесува за локалната заедница каде што функционира, а заштитата на животната средина отсекогаш била еден од приоритетите. Како општествено одговорна и екосвесна компанија, ние имаме обврска и одговорност да се грижиме за амбалажниот отпад и да придонесеме за неговото селективно одложување и ефикасно менаџирање. Со членството во системот на Пакомак сигурни сме дека компанијата соодветно ќе се погрижи амбалажата од нашите производи да биде рециклирана, и со тоа, всушност, заедно дејствуваме за почиста заедница“, изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер во Бимилк.
„Да се биде дел од системот на Пакомак подразбира прифаќање на одговорноста за зачувување на животната средина и висока еколошка свест на секоја компанија што е членка на системот. Пакомак повеќе години по ред ги остварува националните цели, континуирано инвестира во комунална инфраструктура и реализира едукативни кампањи за подигнување на еколошката свест кај јавноста. Во 2018 година, повеќе од 50 проценти од отпадот од пакување беа однесени на рециклирање, а вкупната количина собран и рециклиран отпад од пакување до крајот на годината очекуваме да биде повеќе од 24.500 тони амбалажен отпад што се состои од хартија, пластика, стакло, композит, метал и дрво“, изјави Ико Брдароски, менаџер за грижа на корисници во Пакомак.
Бимилк е проактивна општествено одговорна компанија што секојдневно поддржува и инвестира во голем број проекти од општествен интерес, како здрав начин на живот, грижа кон социјално ранливите категории, едукација на потрошувачите, поддршка на културните вредности и, секако, екологија и грижа за животната средина. Годишно преработува повеќе од 40 милиони литри млеко, соработувајќи со над 1.400 фармери кооперанти ширум Македонија. Компанијата ги има имплементирано сите сертификати за квалитет, притоа спроведувајќи строга контрола на сите процеси од производствениот процес, почнувајќи од самото производство, па сè до дистрибуцијата и продажбата. Сепак, одговорноста на Бимилк не престанува со продажбата, туку, напротив, продолжува и преку третманот на амбалажата, како дел од целокупното општествено дејствување.