Битолска млекара ја завршува годината со едукација на своите фармери

Содржината

Во рамките на активностите за унапредување на соработката со своите партнери, Млекара АД Битола организираше наменска панел-дискусија со своите најголеми фармери-кооперанти, со цел информирање за промените во законската регулатива и пренесување на позитивни искуства од земјите со напредно фармерско производство.

Компанијата ги запозна фармерите со начините како би можеле да ги подобрат своите фарми и квалитетот на своето сирово млеко, со цел да ги исполнат највисоките стандарди за квалитет, користејќи ја стручната помош на Бимилк.

Гости на панел-дискусијата беа и Борче Петковски, инспектор во Агенцијата за храна и ветеринарство, кој детално ги презентираше барањата и измените во законската регулатива во насока на приближување кон регулативата и стандардите на ЕУ, како и проф. д-р Љупче Кочоски, деканот на Биотехничкиот факултет во Битола, кој пак презентираше практични аспекти на модерно фармерство, запознавајќи ги фармерите на кој начин можат да ги исполнат и одржат критериумите за прва категорија на фарми.

Панел-дискусијата ја заврши директорот на суровина во Млекара Битола, Драган Илиевски, кој ги презентираше најновите светски трендови во млечното говедарство, како и можностите за примена на истите во македонски услови, со цел унапредување на фармите и олеснување на поважните операции на фармата со примена на механизација, автоматизација, компјутеризација и каде е можно роботизација.

Млекара Битола ќе остане доследна на определбата да ги поддржи своите фармери и сите оние кои ќе изразат јасна намера и желба да работаат заедно со нас на унапредување на своите фарми. Ние ќе продолжиме да ги стимулираме партнерите да инвестираат во својот бизнис на многу различни начини и сакаме да потенцираме дека имаме заеднички цели, затоа што само со домашна здрава сировинска база, Бимилк може да смета на сигурна иднина“, изјави Драган Илиевски, директор на суровина во Бимилк.

На настанот официјално беше потпишан и договор за деловно техничка соработка помеѓу Бимилк и Биотехничкиот факултет во Битола, со кој всушност се продлабочува нивната соработка токму и во насока на заедничка поддршка и развој на млекопроизводителите.

Инаку поддршката која ја дава Бимилк за своите фармери се состои од повеќе различни стимулативни мерки, вклучително поддршка за инвестирање во модерна земјоделска механизација наменета за производство на сточна храна, подобра шталска и молзна опрема, млечни грла стока со подобра генетика или автоматизација и компјутеризација на нивните фарми. Истовремено, на своите партнери компанијата им нуди и стручна помош, со цел поддршка при проектирање на нови фарми, но и за унапредување, одлучување и примена на мерките за постигнување на нивните цели.

Од Бимилк потенцираа дека со инвестирање во иднината на своите фармери, компанијата практично инвестира и во својата иднина и токму затоа има за цел да придонесе за што поголема продуктивност, економичност, а со тоа и поголема профитабилност на своите кооперанти.

Споделете го овој текст:

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top

Веб страната користи колачиња за да овозможи најдобро искуство. Со користење на bimilk.mk се согласувате со нашата политика за приватност и користењето на колачиња во согласност со нашата политика за колачиња.