Виктор Стојмановски, Менаџер на суровини во Бимилк

Содржината

Со обуки, поддршка и помош за фармерите, Бимилк кон долгорочно подобрување на квалитетот на млекото

 

Во пресрет на 70годишнината од своето постоење, Битолска млекара и денес претставува најголем производител на млеко и млечни производи и лидер на пазарот во овој сегмент. Со обемот на својата работа, пристапот, политиките што ги креира кон квалитетот на конечниот производ и партнерскиот однос со фармерите, претставува најголем фактор со влијание врз целокупната млечна индустрија во државата. Виктор Стојмановски, доктор по ветеринарна медицина и менаџер на суровинa во Бимилк, ја објаснува улогата на Бимилк во однос на млекото и квалитетот, како и компаниските политики и методите со кои влијае врз пазарот. 

1. Како една од најголемите компании за преработка на млеко, откупувате голем дел од суровото млеко во државата. Врз основа на ова, каков е квалитетот на млекото од македонските фарми?

Битолска млекара е најголем производител на млеко и млечни производи која следната година ќе прослави 70 години од своето работење. Денес компанијата може да се пофали со годишен капацитет за преработка на над 40 милиони литри сурово млеко и производство на повеќе од 50 производи. Бимилк, покрај тоа што е лидер во производство, исто така сме лидер и во откуп на сурово млеко. Токму затоа, при откупот особено внимание се обрнува на квалитетот на суровото млеко. Секој литар откупено млеко мора да ги задоволува законските критериуми за квалитетна суровина. За да се дојде до тоа особено внимание се обрнува на изворот, фармата од каде доаѓа суровината. Секоја фарма, секој млекопроизводител претставува значаен дел од ланецот на производство на млеко. Квалитетот на откупеното млеко зависи од повеќе фактори, почнувајќи од начинот на молзење, дали е рачно, со молзалици, со систем за молзење, следно е опремата за молзење и нејзиното миење, дезинфекција и складирање (чување) и како последна фаза до преработката е запазување на ладниот ланец. 

Години наназад Бимилк е во постојан контакт со фармерите и со спроведените обуки и честите консултации, секоја година има напредок и на квалитетот и на количината млеко. Со постојаните посети, обуки и воопшто комуникација со нив работиме на долгорочно подобрување на квалитетот на млекото. 

2. Битолска млекара има воспоставено релации со фармерите веќе подолго време. Каква е оваа соработка и што е во основата на ова партнерство? Дали ги стимулирате и како влијаете врз вашите кооперанти?

Зад секој успешен бизнис мора да постојат две страни кои даваат свој максимум за да успеат. Така и Бимилк не може да биде најголема без своите кооперанти кои се и наши најважни партнери. Соработкaта меѓу Бимилк и фармерите е од самите почетоци. Со постојани посети, комуникација и стручни совети, соработката се одвива во континуитет. Партнерството меѓу нас и фармерите се базира на взаемната соработка која резултира со просперитет на двете страни – ние добиваме квалитетна суровина, а фармерите континуиран и постојан развој. Нашиот пристап се заснова врз постојана комуникација и соработка со фармерите, затоа што кооперантите се нашите најважни партнери и нивната економска стабилност за нас значи континуитет на добри производни резултати. Имаме долгорочна цел и стратегија за одржување и развивање на македонската база за производство на сурово кравјо млеко, па со тоа предвидени се и одредени видови помош и асистенција при набавка на сточна храна, земјоделска механизација за поголеми приноси при производство на храна како и фармска опрема со која се добива како квантитет така и квалитет на суровото млеко. Исто така, треба да се истакне дека во сферата на примарното производство и понатаму основен проблем е обезбедување на евтина добиточна храна, посовремени услови за одгледување, подобрување на расовиот состав на добитокот, подобрување на микробиолошкиот квалитет на млекото и друго. Особено внимание се посветува на програмата за увоз на стелни јуници со кои ќе се подобри квалитетот на сточниот фонд. Ние, како компанија стоиме зад своите фармери како гаранција при увозот на јуниците. Грижата кон своите кооперанти во голема мера придонесува да се одржи постигнатиот стандард како и бренд со врвен квалитет. 
 

3. Имате стриктна политика за квалитет како на суровинската база, така и на крајниот производ. Врз основа на што се прави изборот за откуп на сурово млеко? По што се одредува квалитетот на суровото млеко и какви сѐ контроли се спроведуваат за на крајот да имаме и квалитетни млечни производи? 

Несомнено, квалитетот на млекото што влегува, како и производот кој излегува е најважен како за нас така и за крајните потрошувачи. Постојано се вложува во овој дел и континуирано се зголемуваат стандардите. Македонското млеко е дел од нашата традиција која треба да ја негуваме и што ни дава обврска да го унапредуваме создавањето, процесот и секако крајниот резултат. Квалитетот на суровото млеко е дефинирано со неколку фактори, меѓу кои се хемискиот состав, вкупен број соматски клетки, вкупен број бактерии, температура на чување и сензорниот квалитет. Целосниот квалитет на млекото што ние го испорачуваме до граѓаните започнува од суровинското млеко, чиј основен квалитет со нашата современа методологија и технологија го надградуваме и на тој начин влијаеме и за зголемување на стандардите на млечната индустрија воопшто на македонскиот пазар. Контролите кои се преземаат секој ден стануваат поригорозни за да може да се одговори на зголемените стандарди. Нашата контрола започнува уште на терен при преземање на количините млеко, а потоа продолжува во нашата лабораторија и надворешните акредитирани лаборатории. Имаме договори како со акредитирани лаборатории, така и со неколку високи установи кои ни асистираат во одржувањето на квалитетот почнувајќи од суровината па се до конечниот производ. 

4. Колкава улога игра квалитетот на суровото млеко во квалитетот на крајниот производ?

Млекото и млечните производи се високо квалитетни производи кои се незаменливи во нашата исхрана, а особено во исхраната на младите чиј организам е сè уште во развој. За да се одржи нивната хранлива вредност и да може млекото да се преработи потребно е тоа да биде испорачано и употребено со истиот квалитет кој е добиен при молзење на здрави, добро чувани и правилно хранети животни. Без квалитетна суровина не може да се добие квалитетен конечен производ. Така и во млечната индустрија доколку немате квалитетна суровинска база, не може да се добие квалитетен млечен производ. Млеко со добар хемиски квалитет, добри микробиолошки параметри, чувано и транспортирано со запазен ладен ланец е гаранција за добивање на производи со врвен квалитет. 

5. Дали и во кој степен фармерите млекопроизводители имаат удел во квалитетот на суровото млеко?

Млеко добиено од здрави и правилно хранети животни е гаранција за понатамошен успех и напредување. За да се добие квалитетна суровина потребно е здраво стадо кое е чувано во објекти кои одговараат на сите стандарди за запазување на благосостојбата на животните. За добра профитабилност на една фарма најмногу придонесува добриот фармски менаџмент. Со примена на добриот фармски менаџмент секој фармер лесно го контролира своето стадо и произведува квалитетно млеко. Трендовите на модерно фармско производство секојдневно се прошируваат и зголемуваат и доколку не ги следиме нема да може да се добие потребната суровина онака како што стандардите наложуваат. Работиме на развој на млекопроизводството преку воведување на современи техники и технологии, осовременување на фармите, едукација на фармерите, за да се обезбедат доволни количини на сурово млеко со квалитет кој ги задоволува највисоките светски стандарди. Поддршката што Бимилк им ја дава на своите кооперанти е во насока на стимулација на фармерите и во насока на градење и негување на долгорочните партнерски односи со нив, со цел да се обезбеди доволна количина квалитетно сурово млеко, што пак е и предуслов за квалитетни млечни производи. 

6. Кои се светските трендови во производството на сурово млеко?

Потребите за здрава и квалитетна храна секојдневно се зголемуваат. За да може да го прати трендот на раст и развиток секој фармер мора да ги применува светските стандарди. Иако се дефинирани како основи за развој на модерна фарма, сепак станува збор за опсежна листа од мерки што треба да се следат, како набавка на генетски квалитетно стадо кое има потенцијал за производство на квалитетно млеко, придржување до стандардна исхрана, во доволни количини. Исхраната е исклучително важна, затоа што во спротивно и квалитетот и квантитетот на млекото ќе варира во тек на една година. Еднакво се внимава и на начинот на чување на животните, така што потребен е објект каде се запазени сите услови за благосостојба на животните – стандардни лежишта, по можност да биде пуштен систем на држење, добри амбиентални услови со обезбедена питка вода во секое време. Правилниот фармски менаџмент е неспорно силен фактор. Примена на сето ова треба да придонесе за економска искористливост на животните – лактација од 305 дена, една година едно теле, зголемена литража на млеко во лактација. 

Секој фармер за да успее, мора да ги прати модерните трендови на фармско производство и да учи од добрите практики на фармерите во светот. Како добар пример може да се земе развојот на фармското чување на молзни крави во Кина, каде правејќи ги модерните трендови и со плански развој за краток период успеваат да добијат фарми со крави со висока лактација. Прво почнале со правилна генетска селекција на грлата и замена на старите со нови со висок генетски потенцијал. Потоа се преземени чекори во унапредување и примена на фармскиот менаџмент со навремена набавка на доволни количина храна, правилен ремонт на стадото – замена на непродуктивните со нови млади јуници, избалансирана исхрана, примена на софистицирана опрема за следење на кравите, употреба на роботи за молзење и на крај употреба на квалитетна генетски тестирана сперма за вештачко осеменување на кравите. Многу битен фактор во развојот на фармите е превенирана заштита на кравите од појава на маститиси. Појавата на маститис – воспаление на млечната жлезда на кравите доведува до големи финансиски штети кај фармерите. Првин млекото од животните не смее да се употребува поради присуството на антибиотик – една финансиска загуба, ветеринарскиот третман со антибиотици – втора загуба и доколку не се преземе навремена терапија може да дојде до пресушување на кравата пред време, па дури и до нејзино угинување – што е најголема финансиска загуба. Модерните трендови предвидуваат правилна исхрана за време на лактацијата, особено во периодот пред и после засушување. Нашата пракса и советодавните услуги на фармерите се бонус за понатамошен развој и развиток на сточарството. 

7. Македонската млечна индустрија подолго време се соочува со пад на сточниот фонд и количините на сурово млеко што се нудат, па каква е состојбата во моментов? Има ли некакви поместувања во позитивна насока?

Развојот и перспективите на млекарството во Македонија треба да се градат интегрирано, а посебно значаен дел во реформите треба да се посвети на интензивирање на примарното производство, подобрувањето на квалитетот на суровото млеко. Според својата структура и ориентација краварските фарми, во најголем дел се традиционални и нископродуктивни со 2000 до 3000 литри млеко по крава во лактација. Најмногу преовладуваат фармите со големина до пет грла. Фармите кои поседуваат одреден потенцијал за производство на млеко се фармите со големина од 21-50 грла кои се специјализирани за млекопроизводство и се применува соодветна технологија на одгледување. Тоа се мали семејни фарми кои имаат најголем потенцијал за развивање и напредок. Во одржливоста на фармите големо влијание имаат и климатските услови и температурните разлики. Ова беше тешко и суво лето и приносите на храна не се на задоволително ниво. Сепак, во последните години има благо стабилизирање во овој дел кое се должи на развојните политики и можностите за просперитет на фармерите. Млечната индустрија е одржлива и нема пречки за тоа, но за подобар стопански напредок потребно е овој развој во чекор да го следат и фармерите млекопроизводители.

8. Што ѝ е потребно на млечната индустрија на среден и долг рок  со цел да се спречи натамошниот пад на суровинската база, а потоа да се премине и на развојна компонента? Кои би биле вашите клучни барања до креаторите на политиките во оваа област? 

За да може да опстане млечната индустрија и да се спречи натамошниот пад на суровинската база потребни се системски промени во сите структури на производство почнувајќи од фармерите, млекопреработувачите па се до државните институции. Само со взаемна соработка помеѓу млекопреработувачите, фармерите и релевантните институции, како и со меѓусебна поддршка, размена на искуства и знаење, заеднички ќе оствариме позитивни резултати, раст и развој и одржливост, без оглед од која страна на процесот доаѓаме.

Потребно е воведување на современи техники и технологии, изградба на нови фарми, како и едукација на фармерите за да се обезбеди доволна количина квалитетно млеко кое ги задоволува највисоките светски стандарди. Потребно е навремено и адекватно субвенционирање на фармерите и контрола на субвенциите за да бидат правилно искористени и вложени за развој на фармата. Исто така, како една мерка е доделување обработлива земја за производство на доволни количини квалитетна сточна храна, за да не зависат од увезена храна. Развивање на свеста кај фармерите за задругарство со цел за поефикасно, но и поевтино производство. Фармерите се соочуваат со големи предизвици, од една страна раситнетоста кај производителите, односно големото мнозинство мали семејни фарми, со ниска продуктивност и големи трошоци и од друга страна секогаш присутната опасност и зависноста од временските прилики и надворешни фактори, како сушниот период и недостатокот на сточна храна од природен извор и неопходноста да се набавува скапо и со задолжување. Фармерите секогаш ќе имаат потреба од помош и поддршка на нивната функција и улогата во синџирот на одржливоста на млечната индустрија. Покрај помошта за фармерите кооперанти која доаѓа од нас потребно е и научните институции да бидат вклучени во советодавни услуги за развој на фармите. Потребно е континуирано инвестирање во македонската млечна индустрија на повеќе различни начини, особено во примарното производство на млеко. Ние продолжуваме со нашата поддршка за нашите партнери кооперанти, бидејќи од исклучителна важност е да вложуваме во квалитетот на примарната суровина доколку сакаме да имаме квалитетни производи на полиците и да ги задоволиме нашите високи стандарди.

Споделете го овој текст:

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top

Веб страната користи колачиња за да овозможи најдобро искуство. Со користење на bimilk.mk се согласувате со нашата политика за приватност и користењето на колачиња во согласност со нашата политика за колачиња.