Македонското здружение за заштита при работа во соработка со Европска Унија ѝ ја додели на Бимилк националната награда за добра пракса за безбедност и здравје при работа. Доделувањето на наградите се одржа денес во Даут Пашиниот Амам во старата скопска чаршија, а наградата за Битолската млекарница ја прими г-ѓа Радмила Василевска, менаџер за управување со интегрирани системи во компанијата.
„Безбедноста на работните места е од големо значење за Бимилк и затоа повеќе години уназад, компанијата ги има усвоено сите мерки за безбедност и здравје при работа кои се препорачуваат со националното законодавство. Од ноември 2013 година Бимилк е една од ретките компании во Македонија кои го имаат имплементиран интернационално препознатливиот систем за здравје и безбедност при работа ОХСАС со кој компанијата е во можност системски да управува со ризиците по здравјето и безбедноста на вработените.
Континуираното унапредување на производните и работните процеси со кои се обезбедува висок квалитет и безбедност на Бимилк производите и заштита на здравјето и безбедонста на вработените се стратешка определба на компанијата. Затоа оваа награда за нас претставува уште една дополнителна мотивација и во иднина посветено да работиме на заштита на здравјето и безбедноста при работа.“ – изјави Радмила Василевска, менаџер за управување со интегрирани системи во Бимилк.
Македонското здружение за заштита при работа ја доделува наградата за добри практики за безбедност и здравје при работа по повод 28 април, меѓународниот ден за безбедност заштита при работа.