(Битола, 04.11.2021) – Битолска млекара е добитник на награда за најдобра пракса за безбедност и здравје при работа за 2021 година при валоризација на безбедносни процедури во категоријата средни компании до 250 вработени. Наградата ја доделува Министерството за труд и социјална политика по изборот на Националниот Совет за безбедност и здравје при работа и според покажаните практики што се применуваат во компаниите како и имплементирање на законските обврски при заштита на вработените. Битолска млекара спроведува и дополнителни активности за унапредување на безбедноста и заштитата на работното место со кои уште повеќе се потенцира важноста и значењето на сите вработени.
“Во Битолска млекара се применуваат напредни и високо стандардизирани мерки за заштита при работа со што се посветува големо внимание на вредноста на човечкиот капитал, на сите наши вработени. Затоа, добивањето на наградата за нас значи потврда за ефикасноста на веќе применетите практики, но многу повеќе и поттик за дополнително усовршување на безбедносните мерки како и на заложбите за континуирано подобрување на безбедноста на работните места и зачувување на здравјето при работа”, велат од Битолска млекара.
Во изборот на компании каде се практикуваат принципите за безбедност и здравје на вработените оваа година учествуваа вкупно 23 компании.