Во присуство на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин Љупчо Николовски, како и други претставници на владини институции, односно г-дин Никола Бабовски, директор на Агенција за финансиска поддршка на земјоделството и рурален развој и г-дин Зоран Атанасов, директор на Агенција за храна и ветеринарство, на настанот беше истакнат значајниот придонес кој Битолска млекара го прави за развој на севкупното млекопроизводство во Македонија преку многубројните инвестиции и стимулативни мерки за унапредување на фармите.
„Како најголем млекопроизводител во земјава, но и компанија со традиција од повеќе од 65 години, несомнено, успеваме да испорачаме производ со врвен квалитет, а токму квалитетот на нашите производи е тој што ја оправдува и секојдневната доверба на повеќе од милион задоволни корисници и ја одржува нашата лидерска позиција на пазарот. Меѓутоа, пред сè и над сè, нашата успешност во стратегијата се заснова врз градење и негување стабилни и долгорочни партнерски односи токму со нашите кооперанти, истовремено нудејќи им постојана поддршка, совети, едукација и, на крај, но не помалку важно, навремена исплата на откупеното млеко“, изјави Ѓорѓи Петрушев, Генерален директор на Млекара АД Битола.
„Денешните наградени рекордери се само показател повеќе дека преку ваква стимулативна политика на Бимилк, Македонија би можела да се потпре исклучиво на сопственото производство на квалитетно млеко, што наголемо ќе го стимулира развојот на млечната индустрија и ќе има значителен придонес и за севкупната економија“, додаде Петрушев.
На „Денот на фармери рекордери“ беа доделени награди за најуспешните фармери во 2017 г. во повеќе категории, односно за испорака на најголема количина млеко за комерцијални и за семејни фарми, за најдобар микробиолошки и хемиски квалитет на млекото, повторно во категоријата комерцијални и семејни фарми, како и специјални признанија за најстарите и најлојални фармери на Бимилк.
„Особено ми е драго што токму на Светскиот ден на млекото Бимилк одлучи да додели плакети на оние што се најзаслужни за примарното млекопроизводство, ден кога се слави придонесот на овој сектор во вкупното земјоделство, економскиот развој и во исхраната. Индустријата за млеко и млечни производи е еден од најважните сегменти од агроиндустрискиот комплекс и особено ме радува што во Македонија постојат вакви општествено одговорни компании како Битолската млекара, кои даваат особен придонес во подигањето на јавната свест и развојот на земјоделскиот сектор“, истакна Љупчо Николовски, Министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Настанот беше организиран во насока на потврдување на долгорочната грижа која Бимилк ја негува во повеќе значајни сегменти, а тоа се традицијата, квалитетот, заедницата и секако – домашната суровина, како основа на севкупното делување на компанијата. Со успешна соработка со повеќе од 1400 фармери од цела Македонија и годишен откуп од околу 40 милиони литри млеко, Млекара АД Битола е неприкосновен лидер на млечниот пазар, а токму постигнувањата и грижата кон своите кооперанти, во голема мера, придонесуваат да се одржи постигнатиот стандард, како и бренд со врвен квалитет.