Вложувањето во едукацијата на вработените е една од континуираните активности со кои Бимилк ги зголемува експертизата и професионалноста кај своите кадри. Со цел зголемување на знаењата соодветно најновите трендови во прехранбената и млечната индустрија, Бимилк испрати свој претставник на тринеделниот тренинг за млади професионалци на тема Исхрана на иднината: Технологија и безбедност на храна во време на глобални промени. Тренингот беше во организација на Агенцијата за меѓународна развојна соработка на Израел – MASHAV и Еврејскиот Универзитет од Ерусалим-Факултет за агрикултура, храна и животна средина кој има 7 факултети и повеќе од 100 истражувачки центри.
На престижниот едукативен настан, каде меѓу 27 магистри и доктори на науки од 19 земји, единствен учесник од нашата земја беше м-р Александра Гроздановска задолжена за развој на квалитетни и безбедни производи за потрошувачите на Бимилк, беа презентирани најновите заклучоци во преработката на храна и безбедноста при овој процес. Со посетата на овој семинар таа се стекна со знаење за нови технологии и пристапи во безбедноста на храната и патот на производите уште од самиот почеток на синџирот на исхрана – од одгледување и берба на храна за молзните животни, преку добивање на квалитетно сурово млеко, до производство на квалитетни и безбедни млечни производи.
„Посетата на Израел беше едно извонредно искуство – пред сè од професионален аспект, а и од аспект на запознавање со нова култура и начин на живот во земја со ограничени природни ресурси што е доказ дека сè може да се постигне со работа и труд. Во земја без извор на вода и без плодна почва успеале да овозможат производство на храна со рационално искористување на ресурсите, со огромна дисциплина и со практична примена на научните истражувања. На тренингот, кој траеше три недели имав можност да слушнам и да видам практична примена на знаењата од областа на биолошки и хемиски штетности кај храната, нивно откривање и спречување, како и влијанието на пакувањето врз самиот производ. Предавањата беа од страна на врвни професори од универзитетот со повеќе од 40 години работно искуство, а практичниот дел се одвиваше на различни локации во истражувачките центри на универзитетот. Овие три недели беа од огромно значење за мене и за мојот професионален развој. Благодарна сум и ми претставува чест што бев избрана да учествувам и да ја претставувам компанијата и државата“, вели Гроздановска за искуствата од тринеделниот тренинг.
Во однос на реализација на инвестиции и на воведување стандарди за безбедноста на храната Бимилк уште од 2010 година се стекна со престижниот сертификат ISO 22000 – Систем за управување со безбедност на храна. Покрај овој сертификат, Бимилк поседува и сертификати ISO 9001- Систем за управување со квалитет, ISO 14001- Систем за управување со животна средина и ISO 45001- Систем за управување со безбедност и здравје при работа. Во моментот тимот на Бимилк работи и на имплементирање на ISO 50001- Систем за управување со енергија со што дополнително ќе го зголеми својот придонес во заштита на животната средина и управување со обновливи извори на енергија.
Од Бимилк велат дека во основата на работата на млекарницата е грижата за испорака на квалитетни производи до потрошувачите, процес што започнува од првата фаза во производниот ланец и каде главната и најодговорна функција ја имаат токму вработените кои се носители на знаењата и вештините во создавање и доставување квалитетен и безбеден производ.