Фармерите се клучен фактор за производството на млеко, а ние сите заедно што сме во овој процес на производство на храна, имаме иста цел, поголемо производство со помали трошоци и поголем профит, беше истакнато на вчерашната средба по повод Денот на млекото, што се одржа во Бимилк и на која беа присутни министерот за земјоделство Николовски, менаџерскиот тим на Битолска млекара и бројни кооперанти – производители на млеко.
На средбата беше разговарано за она што досега е преземено од Министерството и најголемиот производител на млеко и млечни производи Бимилк и какви резултати се постигнати во подобрување на млекопроизводството во државата и она што недостига и треба да се примени, со цел да се подобри статусот на фармерите млекопроизводители.
„Оваа година ќе мора да ја менуваме свеста, ќе менуваме сѐ во земјоделието и ќе мора да го правиме она што го бара пазарот. Ако сме најусогласена земја со Заедничката европска политика, ќе мора тоа и на дело да го покажеме. Криза е, ама обезбедивме сѐ што може да се обезбеди. Единствена земја во регионот во која вештачко ѓубриво се субвенционира со 40%, поддршката за зелена нафта сега, со ребалансот ќе се измени до 100% . Интервентен фонд не постои во ниедна друга земја, а ние оваа година имаме 15 милиони евра плус за интервентниот фонд. Тоа е обврска и за сите сточари и за сите земјоделци, да се усогласиме и заедно да ги менуваме работите и да се приклучиме на сите трендови“ изјави министерот Николовски и им порача на присутните млекопроизводители да не се грижат за исплатата на субвенциите, обезбедени се 500 милиони денари за исплата на млекопроизводителите за сите фази.
Во своето обраќање министерот Николовски ги потенцираше сите мерки кои министерството ги превзема за поддршка на млекопроизводителите и сточарите со посебен осврт на новиот модел на субвенционирање.
Оваа година МЗШВ за првпат воведе дополнителна субвенција за квалитет на млеко. Производителите на кравјо млеко кои произведуваат млеко со екстра класа добиваа поддршка од 3,5 денари по литар, а отсега ќе добиваат 4,5 денари по литар. Поддршката за овчо и козјо млеко, исто така ја зголемивме од 4,5 денари по литар на 5,5 денари по литар млеко. На овој начин се стимулираат производителите на млеко да произведуваат квалитетно млеко, што ќе влијае на зголемување на откупната цена на млекото. Воведена е и интервентна субвенција во износ од 5,5 денари за кравјо млеко произведено и предадено во преработувачки капацитети во периодот од јануари до април 2022 година, со која на млекопроизводителите им се помага полесно да ја надминат економската криза.
Со новата Програма за директни плаќања, Министерството ги зголеми субвенциите во сточарството, односно поддршката за грло говеда од 2.800 на 3.100 денари по грло и субвенцијата кај обележани грла овци од 1000 на 1200 денари.
Битолска млекара, исто така, во својот фокус ги има кооперантите и континуирано вложува во поддршка во форма на поволни заеми и опрема за фармерите, во износ од 8 милиони евра само во изминатите години. А, исто така преку партнерството во програмата на УСАИД, неколку години по ред со билатерални меморандуми за соработка дава поддршка за семејни фарми со развоен потенцијал. Како резултат на ова, во 2022 година кооперант на Бимилк ќе биде прв кој во земјата ќе почне со користење најсовремен робот за измолзување.
„Навистина има одредени мерки коишто се надевам брзо ќе почнат да се имплементираат и коишто ќе помогнат пред сè на примарното производство, затоа што ако се фармерите млекопроизводители силни, опстанат и се спроведе развојната база, има добра иднина и за сите нас. Нити има млечна индустрија без партнери, ниту фармерите можат да опстојат ако нема силна млечна индустрија којашто ќе продава не само во земјата туку и во странство“, изјавија од Бимилк.
Обновување на сточниот фонд со високомлечни раси е клучниот фактор за зголемување на млекопроизводството. Оваа година ќе има рекордна набавка на педигриран добиток. Потпишани се договори со 103 баратели кои ќе бидат поддржани со вкупна сума од над 253 милиони денари со кои сточарите ќе можат да набават вкупно 3842 грла високопедигриран добиток. Сточниот фонд ќе се обнови со високомлечни раси. Со тоа ќе имаме и зголемено производство на млеко.