Интервју со Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг менаџер во БИМИЛК
Како една од водечките компании во млечната индустрија во регионот, БИМИЛК се истакнува не само со своите производи, туку и со иновативниот пристап кон маркетингот и корпоративната одговорност. Полексена Јанкуловска, регионален маркетинг менаџер во Бимилк, повеќе од 14 години го води овој бренд низ предизвиците на динамичниот пазар, притоа креирајќи успешни стратегии за одржливост и иновации. Неодамна Јанкуловска учествуваше и на меѓународниот Женски економски форум – Балкан 2024 каде што како еден од панелистите зборуваше за поттикнувањето рамноправност, поддршката и зајакнувањето на позицијата на жените во работна средина и на лидерски позиции што беше дополнителен мотив да разговараме со Јанкуловска за процесот на интегрирање на сите вредности во една успешна компанија како Бимилк.
Полексена Јанкуловска е пример за тоа како успешен маркетинг не значи само да се привлечат потрошувачи, туку и да се одржи баланс помеѓу комерцијалните цели, одржливоста и општествената одговорност. Со визија што постојано се адаптира на потребите на пазарот и со силен фокус на иновациите и тимскиот развој, таа и БИМИЛК успеваат да постават нови стандарди во млечната индустрија во регионот.
Со оглед на тоа што управувате со маркетинг стратегиите за повеќе пазари во регионот на Западен Балкан, како истите ги прилагодувате за да одговараат на специфичните потреби на секој пазар?
Успешноста на секоја стратегија зависи од тоа колку е добро таргетирана кон пазарот за кој што е наменета. Затоа при развивањето стратегии за различни пазари во регионот на Западен Балкан, важно е да се разгледаат уникатните културни и економски аспекти на секој пазар. Мојот пристап започнува со темелно истражување на локалните услови и навики на потрошувачите, што ни помага да ги идентификуваме специфичните потреби и предизвици. Клучен момент е добивањето на квалитетни и веродостојни информации од пазарот, кои ќе ги профилираат потрошувачите и целните групи за секој од нашите брендови засебно.
Креирањето стратегија не е еднократен процес. Тоа е континуирано напорна работа која вклучува постојано прилагодување и надградба на стратегиите во однос на новонастанатите ситуации и информации. Нашите стратегии опфаќаат различни аспекти, вклучувајќи развој на нови производи, бренд и корпоративни комуникации, ценовни стратегии, проекти за корпоративно социјална одговорност (CSR) и одржливост (ESG), како и планирање на промоции и имплементација на дигитални стратегии, прилагодени за секој пазар одделно.
Кога се зборува за успех на поставените стратегии, тоа се мери преку нивната способност да се следат и прилагодат во текот на времето. Важно е стратегијата да биде еволутивна, а тоа значи дека треба да се надградува и усовршува во согласност со пазарните услови.
И на крај доаѓа и најважното – имплементацијата. Поставувањето и прилагодувањето на стратегијата е само почеток; нејзината вистинска вредност се огледува во тоа колку успешно се прифаќа и имплементира низ целата организација. Тука, маркетинг секторот има централна улога како мост што ги поврзува сите сегменти – од набавка и производство до продажба, дистрибуција и комуникација со крајниот потрошувач. Со ефикасна презентација и координација, маркетингот осигурува дека секој дел од компанијата е синхронизиран и посветен на заедничката цел, што на крајот води до успешна реализација на стратегијата и пренесување на посакуваната порака до потрошувачите.
Според вашето искуство, како ја балансирате креативноста со донесувањето одлуки водени од дата анализи кога развивате нови маркетинг кампањи или производи?
Секој успешен маркетинг проект, без оглед дали се работи за кампања или лансирање на нов производ, почнува со длабока анализа. На основата на овие сознанија се гради стратегија која таргетира вистинските луѓе со соодветната порака, исполнувајќи ги нивните потреби. Во овој процес, креативноста игра клучна улога, но таа мора да биде поткрепена со веродостојни податоци и добро дефинирана стратегија за постигнување на успех.Од друга страна, стратегијата без добра егзекуција е само план на хартија, или што би се рекло- егзекуцијата ја „јаде“ стратегијата за појадок. Без напорна работа, многу компании би останале само идеја во нечија гаража. Визијата и стратегијата ја поставуваат насоката, но токму извршувањето е она што ги претвора идеите во глобални успеси. Тука би ја нагласила важноста на соработката на двата сектори кои се во делот на комерцијално работење – Продажба и Маркетинг. И еве нешто што не слушате често од маркетинг директор: главната цел на Маркетинг треба да биде олеснување на продажбата. Продажба не само што обезбедува важни информации за клиентите и нивните потреби, туку исто така помага да се осигура дека нашите маркетинг напори се синхронизирани со реалните услови на пазарот. Кога Маркетинг и Продажба работат заедно, можеме да развиеме кампањи кои не само што се креативни, туку и ефективни во постигнувањето продажни цели. Оваа соработка создава интегриран пристап, кој го подобрува искуството на потрошувачите и помага во остварување на успешни резултати.
Често пати, премногу го комплицираме маркетингот, бркајќи трендови и заборавајќи ги основите принципи. Во суштина, секој успешен маркетинг е резултат на стратегија заснована на истражување, комбинирана со слушање на нашата публика, креирање одлична содржина што покажува дека навистина ги разбираме нивните потреби и им носи вредност, и врвна имплементација на истата на терен. Тоа е патот до градење доверба и успешни кампањи и нови производи.
Се изградивте како лидер, водејќи маркетинг тимови повеќе од четиринаесет години. Кои стратегии ги користите за поттикнување на креативноста и иновациите во вашиот тим? Како му пристапувате на професионалниот раст на членовите на вашиот тим и какво влијание има ова врз вашите маркетинг напори?
Менторството и поттикнување на развојот се клучни во лидерството. Во текот на моето долгогодишно искуство, развив стратегија која нагласува отворена комуникација и конструктивен дијалог. Важно е да создадам средина каде членовите на тимот се чувствуваат слободни да изразат свои идеи и да експериментираат. Поддршката на креативноста се реализира и преку редовни brainstorming сесии, каде што заедно работиме на решавање на предизвици и генерирање на нови идеи. Овие сесии не само што поттикнуваат иновации, туку и создаваат чувство на заедништво и колективен успех.
Мојот личен принцип е дека креативноста цвета во средина што охрабрува нови идеи и не се плаши од неуспех. Верувам дека позитивниот и конструктивен фидбек е клучен за градење успешен тим. Достапноста за разговори за развој со секој од членовите е суштинска, со разбирање на нивните специфични предизвици, како професионални така и лични, можам да помогнам да се зголеми нивната посветеност и мотивираност. За мене, личниот напредок зависи од напредокот на секој член од тимот, бидејќи само заедно можеме да се развиваме и да достигнеме нови височини.
Регионален менаџер, мајка, лидер, токму за оваа релација неодамна говоревте на меѓународниот Женски економски форум – Балкан 2024, како ја гледате родовата еднаквост и можностите на жените за раководни позиции? Какво беше вашето влијание по прашањето на постигнување родова рамноправност во вашата работна средина и дали го постигнавте тоа?
За мене, родовата еднаквост е важен концепт, но јас лично повеќе се залагам за родова правичност. Разликата лежи во тоа што правичноста не подразбира сите да добијат исто, туку да добијат она што им е потребно за да успеат. Жените, особено оние во лидерски улоги, често се соочуваат со повеќе одговорности, особено кога станува збор за балансирање на професионалните и семејните обврски. Поради тоа, на жените им е потребна поддршка и разбирање од организациите во кои работат за да можат да ги остварат своите лидерски потенцијали.
Во моето искуство како регионален маркетинг менаџер, не сум сведок на директна дискриминација. Напротив, моите почетоци беа поддржани од ментори, кои веруваа во мене, имав среќа да работам со лидери кои го гледаа мојот потенцијал, ме поттикнуваа и овозможија да го покажам својот максимум. Тоа е поддршка која секоја жена ја заслужува.
Сепак, тоа не значи дека патот до раководните позиции за жените е лесен. Често, жените треба да направат поголеми жртви за да го достигнат врвот, како на професионален, така и на личен план. А во тој контекс, не смее да се оди ниту во крајности и да се користи родовата рамноправност како алатка за напредок, сепак компетентноста и знаењето се единствениот мерлив систем за напредок.
Во мојата работа, посветена сум на креирање на инклузивна и праведна средина за сите. Го водам тимот со јасна цел – да ги инспирирам жените да веруваат во своите способности и да им овозможам да се развиваат професионално, при што поддршката, можностите и ресурсите се наменети токму за нивниот развој. Секој ден, заедно со мојот тим, се трудиме да поставиме пример за вистинска родова правичност, каде што сите, без разлика на пол, добиваат еднакви шанси за успех. Можам да кажам дека во мојата работна средина сме направиле значителен напредок, но знам дека секогаш има простор за унапредување.
Важно е да се потсетиме дека родовата правичност не е само цел, туку и процес во кој сите ние играме важна улога. Како маркетери, имаме моќ да ги предизвикаме стереотипите и да создадеме општество кое навистина цени разноликоста и инклузивноста.
Каква улога игра корпоративната општествена одговорност во маркетинг стратегијата на БИМИЛК?
Во градењето на лидерската позиција на Бимилк општествено одговорните практиките се и еден од главните столба, што компанијата ги спроведува на редовна основа и како дел од широка стратешка определба. Во исполнување на својата одговорност кон заедницата, Бимилк го применува пристапот на еднаква и рамномерна застапеност во секој аспект на општественото живеење, делувајќи локално и национално, поддржувајќи активности во образование, екологија, култура, социјална избаласираност. Преку сите овие активности, каде не ретко со свое учеството се вклучени и нашите вработени, Бимилк ја подигнува свесноста на широката заедница за одредени општествени прашања и создава вредности кои потоа се пренесуваат низ секој аспект на општественото живеење, на повеќе генерации.
За што поголем ефект од овој бран на промени поттикнат од одговорниот и општествено свесен ангажман на Битолска млекара, ја создадовме платформата „Растеме заедно“ преку која продолжуваме да иницираме различни проекти, таргетирани активности и кампањи, насочени кон континуирано помагање и создавање услови за посветла иднина. Платформата „Растеме заедно“ е отелотворување на целата посветеност, улога и значење што Бимилк ги има во заедницата и општеството.
Какви трендови предвидувате дека ќе имаат најголемо влијание врз млечната индустрија во наредните години?
Иднината на маркетингот во млечната индустрија ќе биде во голема мера обликувана од новите технологии и трендови кои ќе ја променат динамиката на пазарот. Особено го гледам развојот на вештачката интелигенција (ВИ) како клучен фактор кој ќе влијае на нашата работа. Вештачката интелигенција е составен дел од нашиот свет и јасно е дека нема намера да ја снема. Што побрзо ја сфатиме нејзината важност и почнеме да ја интегрираме во секојдневните процеси, толку ќе ни биде полесно да се приспособиме и да ги искористиме сите предности што ни ги нуди во изградбата на брендот и оптимизацијата на работењето.
Во наредните години, очекувам дека фокусот ќе биде на одржливоста и здравствените аспекти на производите. Потрошувачите стануваат сè поинформирани и бараат производи кои не само што се вкусни, туку и здрави и еколошки прифатливи. Тоа значи дека маркетинг стратегиите мора да се адаптираат и да ги интегрираат овие вредности во комуникацијата со потрошувачите.
Се радувам што во нашата компанија активно ги следиме и ги предвидуваме овие трендови, како што е развојот на нови сегменти производи. После 70 години традиција, во март оваа година го лансиравме „Имлек Оаза“, првиот растителен напиток произведен во Србија, кој е достапен во две варијанти: Имлек Оаза Бадем и Имлек Оаза Овес. Оваа иновација претставува значаен чекор за нас и го означува нашиот влез во сѐ попопуларната категорија на растителни напитоци, што ќе одговори на растечките потреби на потрошувачите за алтернативни производи.