Вршителот на должност амбасадор на САД во Северна Македонија, Ерик Мејер, директорот на Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем Дејан Јаневски, директорот на Млекара АД Битола Ѓорѓи Петрушев, сопственикот на фармата „Пивко” Стево Пивковски и сопственикот на фармата „Млекопромет” Горан Велјановски, во пелагониското село Могила презентираа современи роботи за измолзување крави.
Амбасадорот Ерике Мејер за време на посетата на фармата „Пивко“ во село Могила, појасни дека станува збор за роботи кои прв пат се употребуваат, најнова технологија која е од клучно значење за развојот на млекопроизводствениот сектор.
– Создавајќи партнерства успеавме да поттикнеме инвестициски циклус од над 8,1 милиони американски долари и тоа е импресивен подвиг. Ваквиот раст е важен за американската влада бидејќи силната економија во земјава е добра и за американската и за глобалната економија. Им честитам на пелагониските фармери и ние ќе продолжиме со поддршка бидејќи постојаниот раст зависи од репликација на вакви иницијативи во иднина и во таа смисла ние ќе продолжиме да соработуваме, истакна в.д. американскиот амбасадор Мејер.
Според генералниот директор на Млекара АД Битола Ѓорги Петрушев, модернизацијата на примарното млекопроизводство е од суштинска важност, а внесувањето на робот за измолзување е само прв чекор во процесот на модернизација.
– Овој трипартитен проект ги дава првите резултати и според мене претставува квантен скок бидејќи ќе охрабри и други фармери да се вклучат во овој процес на модернизација, кој пак е единствен начин да се зголеми продуктивноста и квалитетот. Импресиониран сум од контролата на произведеното млеко што со овие роботи се врши во секој момент, а тоа гарантира дека и до крајниот потрошувач ќе стигне врвен производ. Исто така сум задоволен од продуктивноста на грлата кои прозведуваат и повеќе од 50 литри млеко на ден и затоа продолжуваме со вакви проекти, роботи за измолзување крави, нагласи Петрушев.
Стево Пивковски е истакнат фармер, кој повеќе од 20 години се занимава со одгледување на крави и млекопроизводство.
– Среќен сум што првиот робот за измолзување крави во една македонска фарма е инсталиран токму во мојата фарма „Пивко“. Зачекоривме во нови технологии и верувам дека и други фармери ќе се охрабрат и ќе го следат мојот пример. Според првичните резултати, во првите 15 денови воочивме дека се зголемува млечноста, продуктивноста, хигиената во млекопроизводството, посочи Пивковски.
Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем почна во 2017 година, информираа организаторите на промотивниот настан во пелагониското село Могила.