Заврши акцијата која под мотото „Розови и здрави“ здружението за борба против ракот Борка и млекарницата Бимилк ја спроведоа во текот на март – месецот на жената. Во рамките на акцијата, Бимилк пушти во продажба Битолски јогурт со посебен дизајн на пакувањето, со чие купување потрошувачите имаа можност да донираат дел од цената на производот за превенција од ракот на дојката. Во текот на акцијата беа продадени 335.000 пакувања на Битолски јогурт со знакот на розовата панделка. Средствата кои се собрани од акцијата ќе бидат искористени за одржување на едукативни трибини за превенција од ракот на дојката ширум Македонија.
„Ми претставува задоволство да ги информирам сите граѓани кои се вклучија во акцијата „Розови и здрави“, дека благодарение на ним, акцијата забележа голем успех. Во текот на месец март беа продадени 335.000 пакувања од пакувањето на Битолски јогурт кое беше посебно дизајнирано токму за оваа акција. Бимилк и во иднина ќе продолжи да организира и поддржува активности кои се во насока на промоција на здрав и активен животен стил.“ – изјави Полексена Ристеска, маркетинг менаџер во Бимилк.
Во рамките на акцијата, секоја сабота од месец март, Бимилк и Борка организираа и информативни пунктови каде повеќе од 100 граѓани добија подетални информации од стручен карактер за раното откривање и лекување на ракот на дојката.