Дали сте пробале пиде? Пиде е традиционално турско јадење, кое често се опишува како „турска пица”. Тоа е подолг и поширок леб, кој обично се полни со различни состојки, како мелено месо, сирење и кашкавал, зеленчук и разни зачини. Овој пат ви предлагаме вегетаријанска верзија на пиде со фил од Битолска павлака, кашкавал, домати, пиперка и шампињони.
Подготовка
Во сад за месење ставете ги брашното, квасецот, шеќерот и солта. Измешајте ги со лажица. Во садот додајте ги млекото и маслото. Замесете меко тесто, а по потреба додајте брашно. Тестото оставете го да нарасне 30 до 40 минути на собна температура.
Во меѓувреме пригответе го филот. Шампињоните исечкајте ги на листови. Пиперката исечкајте ја на ленти. Кашкавалот изрендајте го.
Врз работната маса посипете брашно. Ставете го тестото и размесете го. Поделете го на 4 еднакви делови. Од секој дел исучете правоаголна кора. Во средната на кората ставете по 1 лажица павлака, кашкавал, домати, пиперка и шампињони. Завртете ги краевите и формирајте ги како на фотографијата за да добиете форма на пиде. Тавата за печење премачкајте ја со масло. Питите ставете ги во тавата и оставете ги да нараснат околу 10 минути.
Јајцето изматете го мала чинија. Со изматеното јајце премачкајте ги питите. Тавата ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 220 степени за време од 20 минути, додека поруменат. На здравје!
Совет плус: Додека тестото нараснува, садот покријте го со кујнска крпа. Тоа ќе помогне за да не се суши тестото по површината.