Неодоливо вкусни! Кој може да одолее на меки палачинки сервирани со чоколаден крем со арома на рум? Те предизвикавме да ги направиш? – Прочитај го рецептот и ајде во кујната. Време е за нешто вкусно!
Подготовка
Започнете со подготовка на чоколадниот крем. Во мало тенџере на оган ставете ја слатката павлака и додајте го чоколадото искршено на коцки. Мешајте со лажица за да се растопи чоколадото. Притоа внимавајте да не зоврие смесата. Тенџерето тргнете го од огнот, додајте го румот и оставете го чоколадниот крем да се излади.
Во длабок сад за матење ставете ја Битолската павлака. Изматете ја со кујнска жица. Во садот додајте една жолчка, растопениот путер и екстрактот од ванила. Измешајте за да се соединат состојките.
Во друг длабок сад ставете ги сувите состојки – пресеаното брашно, прашокот за печиво и содата бикарбона. Измешајте ги со лажица. Смесата со брашното постепено додавајте ја во садот со павлаката и мешајте со жицата за да се добие хомогена смеса.
Во сад за матење ставете ги 3-те белки. Изматете со миксер, а постепено додавајте го шеќерот. Матете додека шеќерот се растопи и се добие цврст шлаг.
Шлагот од белки постепено додавајте го во садот со павлаката. Мешајте со шпатула за да се соединат состојките.
Тавата за палачинки ставете ја на оган на средно висока температура. Штом се загрее премачкајте ја со малку масло. Во тавата додајте ¼ чаша од смесата за палачинки. За формирање на палачинките може да користите поголема црпалка или дозер. Штом забележите меурчиња на површината на палачинката, превртете ја и продолжете со печењето уште 1 до 2 минути. Печените палачинки ставете ги во чинија. Постапката повторете ја додека се потроши смесата.
Готовите палачинки сервирајте ги со чоколадниот крем. На здравје!
Совет плус: Во чоколадниот фил, наместо рум може да додадете сок или кора од портокал.