Ти останале банани кои се многу зрели, а немаш идеја како да ги искористиш? – Имаме супер предлог – колач со банани и бадеми. Сочна комбинација која совршено се вклопува за појадок или десерт со чаша топло кафе или чај.
Подготовка
Пуштете ја рерната да се загрева на температура од 180 степени.
Правоаголниот сад за печење обложете го со хартија.
Бананите исечкајте ги на кругови и ставете ги во длабок сад за месење. Испасирајте ги со виљушка. Во садот додајте ги шеќерот, јајцата, ванилата, Битолската павлака и солта. Измешајте со жица за матење додека добиете хомогена смеса.
Во длабок сад ставете ги пресеаното брашно, инстант квасецот, содата, циметот, ѓумбирот, морското оревче и бадемите. Измешајте ги со лажица.
Смесата со брашно постепено додавајте ја во садот со бананите и измешајте со кујнска шпатула.
Смесата ставете ја во садот за печење и израмнете. Ставете го колачот да се пече за време од 45 до 60 минути. Печениот колач извадете го од рерната и оставете го кратко да се излади 15 до 20 минути. Потоа префрлете го врз кујнска решетка и оставете го да се излади целосно. Исечете парчиња и послужете. На здравје!
Совет плус: Бадемите може да ги замените со други јаткасти плодови – ореви, лешници, кикирики…