Мини сендвичи со бавно печено свинско месо

Состојки

  • 3 главици кромид

  • 1 кг свински бут

  • 2 лажици масло

  • 8 лепчиња за сендвичи.

  • За маринада:

  • 4 суви пиперки

  • 500 мл врела вода

  • 2 лажици димен црвен пипер

  • 5 чешниња лук

  • 1 рамна лажица сол

  • ½ мала лажичка мелен црн пипер

  • 50 мл маслиново масло.

  • За салата:

  • ⅛ главица црвена зелка

  • ⅛ главица зелка

  • 1 морков

  • 1 зелено јаболко

  • 1 главица кромид

  • 1 црвена пиперка

  • 2 гранчиња магдонос.

  • Сос за салата:

  • 3 лажици Битолска павлака

  • 1 лажица сенф

  • 1 лажица јаболков оцет

  • ½ лажичка сол

  • ¼ лажичка мелен црн пипер.

  • За компири:

  • 500 г полуварен сладок компир

  • 500 г полуварени компири

  • 1 лажичка кумин

  • 1 мала лажичка сол

  • ½ мала лажичка мелен црн пипер

  • 2 лажици маслиново масло.

  • Сос од павлака:

  • 3 лажички Битолска павлака

  • ½ мала лажичка кумин

  • Прстофат сол

  • 1 лажичка лут чили сос.

Кликнете на една од состојките за да ја вметнете на вашата листа за купување.

Сите некогаш сакаме да „избегаме“ во кујната и да готвиме цел ден. А овој рецепт е баш таков! Потребно е повеќе време за подготовка, но крајниот резултат ќе ве воодушеви. За време на викендите искористете го слободното време и пригответе мини сендвичи со бавно печено свинско месо. Пригответе и салата, печени компири, сос од Битолска павлака… Едноставно, препуштете се на кулинарската авантура и пригответе го овој рецепт.

Подготовка

    1. Започнете со подготовка на маринадата. Сувите пиперки измијте ги и отстранете им ги дршката и семките. Ставете ги во длабока чинија и додајте ја врелата вода. Оставете ги пиперките да омекнат за време од 15 – 20 минути.

    2. Пиперките исечкајте ги на поголеми коцки и ставете ги во блендер. Во блендерот додајте ги чешнињата лук, димениот црвен пипер, солта, мелениот црн пипер и маслиновото масло. Миксирајте додека добиете хомогена смеса.

    3. Кромидот исечкајте го на кругови со дебелина околу 5 мм. Круговите кромид наредете ги во тава за печење.

    4. Месото засечете го неколку пати од горната страна. Премачкајте го со маринадата од сите страни. Ставете го во тавата за печење и попрскајте го со малку масло. Тавата покријте ја со капак или алуминиумска фолија и ставете го месото да се печи во загреана рерна на 140 степени за време од 5 часа. Кон крајот на печењето, отстранете го капакот, зголемете ја температурата на 250 степени и печете уште 10-15 минути, додека месото добие крцкава кора.

    5. Подгответе ја салатата. Зелката ситно исечкајте ја. Кромидот, пиперката и јаболкото исечкајте ги на тенки ленти. Морковот изрендајте го на крупната страна од рендето. Магдоносот ситно исечкајте го. Во длабока чинија ставете ги зеленчуците и измешајте ги.

    6. Во мал длабок сад подгответе го сосот за салатата. Ставете ги павлаката, сенфот, оцетот, солта и мелениот црн пипер. Измешајте ги состојките. Сосот ставете го во садот со зеленчуците и добро измешајте. Посолете по вкус.

    7. Подгответе ги компирите. Полуварените компири излупете ги и исечете ги на четвртинки. Во длабок сад ставете ги компирите и зачинете ги со сол, мелен црн пипер, кумин и маслиново масло. Измешајте ги. Ставете ги во тава обложена со хартија за печење. Печете ги во загреана рерна на 220 степени за време од 20 до 30 минути.

    8. Пригответе го сосот од павлака. Во мал длабок сад ставете ги Битолската павлака, чили сосот, солта и куминот. Измешајте ги состојките.

    9. Подгответе ги сендвичите. Лепчињата за сендвичи пресечете ги на половина и потпечете ги. Свинското месо разделете го со виљушка. Во секое од лепчињата ставете од месото и салатата. Послужете ги со печените компири и сосот од павлака. На здравје!

Совет плус: Сендвичите можеш да ги послужиш со помфрит и салата по избор.

Коментари

Споделете го овој текст:

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top

Веб страната користи колачиња за да овозможи најдобро искуство. Со користење на bimilk.mk се согласувате со нашата политика за приватност и користењето на колачиња во согласност со нашата политика за колачиња.