Пробајте пита со нов вкус! Имаме супер рецепт за пита со готови кори и фил од тиквичка и сирење. По вкусот потсетува на бурек, па за појадок е прав избор. Послужете ја со Битолски јогурт и започнете го денот со вкусен појадок!
Подготовка
Тиквичката излупете ја и изрендајте ја на крупната страна на рендето. Посолете ја и оставете околу 10 минути за да пушти течност. Потоа добро исцедете ја.
Во голема тава на оган ставете го маслиновото масло да се загрее. Додајте ја тиквичката и кратко пропржете ја. Тавата тргнете ја од огнот.
Сирењето изрендајте го или издробете го со виљушка. Во тавата додајте ги сирењето, мешаниот зачин и павлаката. Измешајте за да се соедини филот.Во длабока чинија ставете ги маслото, водата и прашокот за печиво.
Во тава (големина 26), ставете две кори, така што краевите треба да излегуваат надвор од тавата. Со краевите подоцна ќе ја покриете питата. Притоа секоја од корите попрскајте ја со смесата од вода и масло.
Одвојте 2 кори кои подоцна ќе ги искористите за покривање на бурекот, а останатите кори поделете ги на 2 дела.
Секоја од корите од првиот дел ставете ја во тавата за печење и пропрскајте ја со смесата од масло и вода.
Врз првиот дел кори, ставете го филот и распоредете го во тавата.
Врз филот нанесете го вториот дел од корите, а притоа секоја од нив попрскајте ја со смесата од масло и вода.
На крај, деловите од корите кои висеа надвор од тавата, ставете ги внатре. Двете кори кои ги одделивте на почетокот, попрскајте ги со смесата од масло и вода и ставете ги на горната страна, како капак. Со останата смеса од масло, попрскајте ја питата.
Питата печете ја во загреана рерна на 180 степени за време од 40 минути. На здравје!
Совет плус: Филот може да го поделите и на два дела. Во тој случај, корите (чекор 5) поделете ги на три дела.