Гурмански специјалитет за сите кои обожаваат нови вкусови и се во потрага по супер вкусни рецепти! За време на викендите направете потпечени полнети палачинки со кремаст фил.
Подготовка
Во длабок сад за матење го ставаме јајцето. Матиме со жица за матење. Во садот ги додаваме млекото и водата. Кратко мешаме за да се соединат состојките. Брашното го просејуваме и го додаваме во садот заедно со солта. Смесата ја мешаме со жицата за да се соедини.
Тавата за палачинки ја ставаме на оган (средно – висока температура). Штом се загрее ја премачкуваме со малку масло. Со црпалка земаме од смесата за палачинки и ја ставаме во средината на тавата. Смесата ја распоредуваме со поткревање на тавата и оставаме палачинката да се испече за време од 2 до 3 минути. Со помош на кујнска шпатула, палачинката ја превртуваме од другата страна. Печеме уште 2 до 3 минути. Постапката ја повторуваме додека се потроши смесата. Печените палачинки ги ставаме во чинија и ги покриваме со кујнска крпа.
Го приготвуваме првиот фил. Во длабока чинија ги ставаме кашкавалот и шунката. Мешаме со лажица. Во чинијата ги додаваме павлаката, солта и мелениот црн пипер. Мешаме за да се соединат состојките.
Го приготвуваме вториот фил. Шампињоните ги сечкаме на тенки листови. Спанаќот го сечкаме на ленти со ширина од 1 см. Во тава на оган ставаме масло да се загрее. Во загреаното масло ги додаваме шампињоните. Ги пропржуваме 5 до 7 минути, додека течноста испари. Во тавата го додаваме и спанаќот. Пропржуваме 3 до 4 минути. Тавата ја тргаме од огнот. Ги додавме павлаката, солта и црниот пипер. Мешаме со лажица за да се соединат состојките.
Двата фила поделете ги на еднакви делови во зависност од бројот на палачинки. Во секоја палачинка ставете од двата фила. Потоа, секоја од нив свиткајте ја како ролат.
Тавата за печење намрсете ја. Наредете ги палачинките.
Подготовете го преливот. Во мала длабока чинија ставете го јајцето и измешајте го со виљушка. Додајте ја павлаката и кашкавалот. Измешајте за да се соедини преливот. Смесата распоредете ја врз палачинките. Тавата ставете ја да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, за време од 15 минути, додека кашкавалот се растопи и порумени. Печените палачинки оставете ги кратко да се изладат, а потоа сервирајте ги. На здравје!
Совет плус: За да заштедиш на време може да користиш и готови палачинки. По желба, може да ги направиш и со еден фил. Во тој случај, количината на состојките за филот дуплирај ја.