Дали имаш слушнато или пробано Боршч? Станува збор за супа од цвекло која е популарна во источна Европа и северна Азија. Некаде се нарекува руска, а некаде и украинска супа. Главна состојка е цвеклото кое му ја дава карактеристичната црвена боја и уникатниот вкус.
Подготовка
Цвеклото излупете го и изрендајте го на крупната страна од рендето. Може да го исечкате во процесор за храна или едноставно исечете го на мали коцки.
Морковите излупете ги и изрендајте ги на крупната страна од рендето. Кромидот исечкајте го на мали коцки.
Во тенџере на оган ставете 1 лажица масло да се загрее. Во загреаното масло додајте го цвеклото и пропржете го со постојано мешање за време од 10 минути. Во тенџерето додајте ги морковите, коцката за супа и водата. Измешајте додека коцката се растопи. Тенџерето покријте го со капак и варете ја супата 15 минути.
Во тава на оган ставете 1 лажица масло да се загрее. Додајте го кромидот и пропржете го 5 до 7 минути, додека порумени.
Во тенџерето додајте ги пржениот кромид, сечканата зелка и путерот. Варете ја супата уште 15 минути. Зачинете со сол и мелен црн пипер по вкус. На крај додајте го и сокот од лимон. Тргнете го тенџерето од огнот и оставете ја супата да отстои еден час. Ставете ја во чинии и сервирајте ја со лажица Битолска павлака. На здравје!
Совет плус: Во супата може да додадеш сечкани компири, пиперки и домати.