Имаш пробано салата со цвекло? – Ако одговори со „Не“ те предизвикуваме да го направиш овој рецепт. Дури и оние кои не обожаваат цвекло, ќе бидат воодушевени од вкусот на оваа кремаста салата. Тајната е во Битолската павлака и совршената комбинација на состојки.
Подготовка
Цвеклото измијте го и избришете го со кујнска хартија. Секое парче ставете го алуминиумска фолија, попрскајте го со масло, посолете го и зачинете го со мелен црн пипер. Завиткајте го цвеклото во фолијата и ставете го да се пече во загреана рерна на 250 степени. Печете го цвеклото околу еден час. Печеното цвекло извадете го од рерната и оставете го да се излади. Потоа излупете го и изрендајте го.
Пилешкиот стек исчекајте го на коцки (2*2 см). Во тенџере додајте 2 литри вода и ставете го пилешкото месо. Варете го 20 до 30 минути, додека стекот омекне.
Сусамот ставете го во тава на оган. Пропржете го 3 до 4 минути, со постојано мешање додека порумени. Тавата тргнете ја од огнот и оставете го сусамот да се излади.
Во длабока чинија ставете ги ренданото цвекло, пилешкото месо и печениот сусам. Додајте ги Битолската павлака и мајонезот. Измешајте ја салатата и зачинете ја со сол и мелен црн пипер по вкус. Декорирајте со маслинки, семки од сончоглед и ситно сечкан магдонос. На здравје!
Совет плус: За да заштедиш време за подготовката, салатата може да ја направиш со цвекло од тегла.