Имаш направено печено јагнешко месо? Се прашуваш како да биде меко и сочно, како да е печено под сач? Имаме супер рецепт! Мариниран, а потоа бавно печен јагнешки бут, сервиран со компири и кремаст сос од Битолска павлака за гурманска трпеза.
Подготовка
Јагнешкиот бут добро измијте го и избришете го со кујнска хартија.
Подгответе ја маринадата. Во длабок сад ставете ги морската сол, мелениот црн пипер и рузмаринот Измешајте ги зачините и нанесете ги врз месото. Бутот завиткајте го со алуминиумска фолија и ставете го во фрижидер да се маринира неколку часа, а најдобро е преку ноќ.
Потоа, ставете го во тава за печење и прелијте го со маслиновото масло. Ставете ја тавата во рерна, а потоа вклучете ја на 180 степени. Печете го месото околу еден час. Во тавата додајте ја водата и превртете го бутот од другата страна. По половина час, повторно свртете го бутот и прелијте го со сосот од садот за печење.
Младите компири ставете ги во тенџере на оган. Додајте 3 литри вода. Штом водата зоврие, варете ги компирите 10 минути. Потоа, исцедете ги и ставете ги во садот со месото. Печете ги 25 до 35 минути, во зависност од големината на компирите и јачината на рерната.
Лукот ситно исечкајте го и додајте го кон крајот на печењето. Печениот бут извадете го од рерната и оставете го да отстои најмалку 15 минути. Потоа послужете го.
Пригответе го сосот. Печурките исечкајте ги на листови. Во поголема тава на оган ставете го маслото да се загрее. Во загреаното масло додајте ги печурките и пропржете 10 до 15 минути.
Во длабока чинија ставете ги Битолската павлака, ориганото, солта и мелениот црн пипер. Измешајте ги и додајте ги пропржените шампињони. Измешајте за да се соединат состојките и послужете го сосот заедно со печениот бут и компирите. На здравје!
Совет плус: Изберете јагнешко месо со розова или светло црвена боја. Пред да го маринирате, направете мали длабоки резови во месото. Тоа ќе помогне за подобро влегување на марината и за рамномерно печење на месото.
1 коментар нa “Печен јагнешки бут со компири”
Preubava Pavlaka samo vaa ja koristam za se.
Tanja